новости и публикации
Стратегии за поттикнување на социјални интеракции кај децата со аутизам - TIPS проект
Во периодот од 25 до 29 Септември бевме домаќини на нашите партнери од Шпанија, Грција, Кипар и Данска со кои соработуваме во рамките на Еразмус плус проектот “TIPS” . Овој проект е наменет за обука на родителите на децата со аутизам за стекнување на стратегии за развој на вештините на социјалната интеракција кај децата со аутизам.
Бидејќи денес постојат голем број на информации за аутизмот, обуката започна со усогласување на ставовите за аутизмот според најновите научно докажани факти а посебно внимание беше посветено за разбирање на аутизмот преку работилница за осознавање на когнитивните теории. Исто така, родителите беа запознаени со процедурите за подучување на социјални интеракции кај децата со аутизам.
Во рамките на обуката беше тестирана и платформата за едукација, анимациите и игрите за деца со аутизам кои наскоро ќе бидат достапни онлајн на македонски јазик и ќе можат да се користат од страна на родителите и професионалците.
Групата на родители од Македонија се дел од проектот за развој на социјални вештини кој во период од 6 месеци е поддржан од Градот Скопје. Тие имаа можност да ги надополнат и развијат своите вештини преку обуката но и преку комуникација со родителите од другите држави.
Освен организација на едукативниот дел, имавме можност на гостите да ги претставиме културните, традиционалните и природните убавини на градот Скопје, преку посета на ресторани со традиционална кујна, посета на Милениумскиот Крст на Водно и посета на Матка и пештерата Врело. По завршувањето на проектот, сите резултати, заедно со прирачникот ќе бидат достапни на веб страницата https://tips-project.eu/.
Голема благодарност до координаторот SOSU Østjylland и нашите партнери кои можете да ги заследите на нивните профили на facebook: Innovation Hive, STANDOUTEDU и Asociación Autismo Burgos.
Споделете со пријателите: