новости и публикации​

Што е тоа предизвикувачко однесување кај децата и тинејџерите со аутизам?

Предизвикувачко однесување може да се појави кај секое дете, но многу почесто се појавува кај децата што се наоѓаат во спектарот на аутизмот.

Често пати слушам: „Детево со аутизам е немирно“; „Детево со аутизам е хиперактивно“; „Детево со аутизам е агресивно, деструктивно, вика, удира, не слуша ништо што ќе му кажеш“. Секое дете може да се најде во „тешка“ состојба која е предизвик за родителите да ја контролираат. Ваквото однесување се нарекува предизвикувачко однесување. Тоа може да се појави кај секое дете, но многу почесто се појавува кај децата што се наоѓаат во спектарот на аутизмот. Тие може да:

  • Игнорираат или да избегнуваат да извршат одредени барања од возрасните или од другите деца;
  • Да се однесуваат несоодветно во одреден социјален контекст, на пример, да ја соблечат облеката на улица или во парк;
  • Да бидат агресивни кон себе, кон некој друг или да манифестираат напади на бес;
  • Да се самоповредуваат или да повредуваат други деца, на пример, да се удираат по глава, да си ја гризат раката или да гризат и туркаат други деца.
  • Да манифестираат самостимулативно однесување, на пример: нишање на телото или треперење на рацете.

Зошто децата и тинејџерите со аутизам пројавуваат вакво однесување?
За однесувањето може да има голем број различни причини. Причините за она што го гледаме ние, а го гледаме само малиот дел над површината, како кај карпа мраз, се наоѓаат „длабоко под водата“ и можат да бидат многубројни. Тие главно произлегуваат од карактеристиките на децата со аутизам – нарушена социјална комуникација и интеракција, сензорни нарушувања, репетитивно однесување – ритуали и опсесии и проблеми во флексибилноста на размислувањето.

Сите причини за однесувањето можеме да ги групираме како:

  • Проблеми во разбирањето на она што се случува околу нив. Често пати не им е јасно што зборуваат луѓето или што се обидуваат да кажат невербално, преку гест, зошто „мавтаат“ со рацете, зошто „ги накривиле очите“, зошто плачат, зошто се смеат, зошто викаат итн.
  • Немање соодветна и ефективна комуникација со која би ги изразиле своите желби, потреби или непријатности. Ова води до голема фрустрација.
  • Анксиозност. Поради нивните карактеристики тие често пати се во состојба на анксиозност која ја манифестираат преку предизвикувачко однесување.

Однесувањето може да се појави и поради рутини и ритуали кои на децата им овозможуваат предвидливост која им дава чувство на сигурност. Тие се смирени кога нештата се повторуваат и кога тие знаат што точно ќе се случува. Промената на рутините може да ги предизвика да манифестираат несоодветно однесување, на пример, ако се обидеме да ги вратиме од училиште по друга патека, доколку го промениме распоредот на предметите на полицата, доколку му облечеме тренирки со друг дезен итн. Кога детето не разбира дека треба да настане премин од една на друга активност или кога не сака да премине на друга активност, исто така може да појави предизвикувачко однесување. Непредвидлив допир, јак звук, специфичен мирис кај детето со сензорната чувствителност може да предизвика предизвикувачко однесување. Тоа може да се најде во состојба да не може да се справи со некоја дразба и таа да му предизвикува непријатност, па дури и болка. Во однос на сетилата, детето може да се најде во презафатена средина, премногу луѓе, премногу звуци и дразби, односно да биде пренадразнето и вознемирено. Понекогаш може да е уморно, особено во вечерните часови или, пак, да чувствува непријатност поради етикетите на облеката, испотена блуза, болка во забот, болка во стомакот итн. Детето со аутизам или тинејџерот со аутизам сето ова не може да го искомуницира на социјално прифатлив начин и може да пројави предизвикувачко однесување. Многу често, пред децата со аутизам, од страна на родителите или на стручните лица, се поставуваат нереални очекувања. Ова се случува особено со високо функционалните деца со аутизам, кои имаат посебни таленти, кои имаат одлично развиен говор. Често на луѓето им е неприфатливо однесувањето на дете кое има талент за музика, физички изгледа перфектно, знае да решава математички задачи, а постојано врти предмети во рацете. Тие очекуваат да му кажат да престане и тоа веднаш да ги послуша.

Родителите и професионалците треба да запомнат дека секое однесување има причина поради која се манифестира. Работата на секој од нас е да ја откриеме причината. Но, бидејќи ваквото специфично однесување бара и специфичен пристап, неопходна е едукација на родителите на децата со аутизам и на лицата кои се во секојдневен непосреден контакт со детето. За таа цел Здружението „Сина светулка“ од самиот почеток на формирање интензивно работи на ваков тип едукација.

За да се промени однесувањето на детето, треба да дознаеме што го предизвикало или, пак, што детето добива со таквото однесување? За секое однесување треба да се запрашаме од каде доаѓа и да ги провериме сите наши претпоставки. Однесувањето можеме да го погледнеме како A-B-C каде што А е претходник на однесувањето (antecedents), B е однесувањето (behavior) и C е последица или награда (consequences or rewards). Однесувањето можеме да го промениме преку отстранување на причините што го предизвикуваат (претходникот) или преку промена на последицата од однесувањето, односно наградата.

Во нашето Здружение вршиме советување и им даваме поддршка на родителите и на професионалците во однос на однесувањето. Она што треба да го направат откако ќе дознаат која е причината за однесувањето, е да направат план како ќе влијаат врз него. Најпрво ги советуваме да изработат визуелна поддршка за детето за секојдневните рутини, односно различни видови распореди во зависност од потенцијалот и потребата на детето. Доколку родителите не можат да го направат тоа, самостојно им нудиме помош и поддршка. Потоа детето секогаш да го предупредуваат при промена на рутините на соодветен начин преку слики, часовник, амбалажа на производи итн. Децата што се на повисоко функционално ниво можат да добијат поддршка во вид на социјални приказни. Во ситуации кога детето има отпор од присуство во одредена средина, советуваме да се изврши адаптација постепено. Многу е важно детето да го научат како да го побара она што го сака – со слика, со гест, преку покажување итн. Исто така, напоменуваме да не користат непотребни зборови при комуникација со детето. На детето со аутизам треба да му се зборува кратко, јасно и едноставно. Доколку родителите знаат дека некоја ситуација ќе биде проблематична и дека детето може да пројави предизвикувачко однесување, потребно е да го планираат тоа и да бидат спремни со стратегија. Понекогаш децата знаат да пројават предизвикувачко однесување само за да протестираат. Притоа е важно возрасниот да биде смирен и колку што може повеќе да го игнорира тоа. Доколку детето направи нешто исправно и добро, тогаш многу е важно тоа да се истакне и бурно да се награди. Секое дете го повторува однесувањето за кое се поддржува со бурни реакции, било да се тоа позитивни било негативни. Внимавајте кое однесување го поддржувате!

Текстот е објавен на 20.08.2018 г на порталот www.deca.mk

Споделете со пријателите:

Viber

Нашата веб страница користи колачиња (cookies) за да Ви овозможи подобро корисничко искуство.