новости и публикации​

Да ги поттикнеме децата со аутизам да станат самостојни граѓани во општеството

„Обуките во градинките ги започнавме пред една година. Всушност, од кога ја формиравме организацијата (Сина светулка), нашата идеја беше едукација, едукација и само едукација. Луѓето често се плашат од непознато, па така е и со децата со аутизам, прават грешки и не сакаат да соработуваат со нив. Ако воспитувачките и негувателките не ги прифатат децата со аутизам, детето тоа го чувствува. Се вознемирува. Меѓутоа, не дека не ги сакаат децата, туку, едноставно – се плашат“, објаснува Трошанска.

Целта е воспитувачот да биде посредник меѓу децата

„Не“ или „ретко“ е најчест одговор на персоналот од градинките дали некогаш посетувале обуки. Ако пристигне дете со аутизам, со свои карактеристики, без говор и слично, страв им е како ќе влијае врз групата, затоа што имале искуство со атипични деца што не следат активности. Воспитувачката чита приказна, сите се седнати во круг, а детето трча наоколу.

„На малото дете од градинката, не може посебно да му одржи предавање, дека утре ќе дојде детенце со аутизам. Дури и да му одржи предавање, не може да допре до него. Кога ќе пристигне во градинката, тогаш децата ќе го запознаат и самите ќе изградат свој став. Целта е воспитувачката да биде посредник меѓу децата, да не создава дополнителна напнатност, нервоза, да знае како да одговори на прашањата на другите дечиња“, вели Трошанска.

Дополнува дека во градинка, кога се во мала возраст, децата може да ги имитираат другарчињата со аутизам. Не само со аутизам, туку секое друго однесување што на било кој начин отскокнува. Децата се борат за внимание. Осипани се со внимание, а во група се борат за уште поголемо внимание.

„Мојата ќерка ја носам секаде и имитира. Неколку пати ме има посрамотено, а јас се извинив. Но, денес, таа многу сака да им помага на децата со аутизам. Ги знае. Мора децата да поминат низ некоја фаза. Ако дете трепне, и другите трепкаат. Имитираат – учат“, потенцира Трошанска.

Секоја градинка да има сервиси потребни за детето

Во Македонија се повеќе се зборува за процесот на инклузија. Во поглед на градинките, според Трошанска, инклузија значи носење на потребните сервиси во установите кои ги посетуваат децата. Во превод – ако на детето му е потребен дефектолот, логопед или физиотерапевт – мора да го има.

„Сите тие сервиси треба да им бидат близу на децата, а не родителите постојатно да ги носат попладне (на терапија н.з.). Кај нас не се обезбедени средства и често тоа е на товар на родителот. Меѓутоа, во секоја градинка мора да има логопед, дефектолог, потребни за детето. Но и воспитувачите мора да добијат некоја едукација. Тие никогаш нема да бидат дефектолози, не е тоа целта, туку да знаат што да направат во одредени ситуации“, забележува дефектологот.

Ако воспитувачките цело време велат „не го удирај“, „не скокај“, „не рипај“, „не се качувај на масата“, „не се пикај во шкаф“, „не ги ставај нозете во маса“… Тоа е премногу „не“. Наместо „не го фаќај тоа“, подобро e „остави“.

„Ако учителката чита книга, а детето со аутизам не сака, некој ќе го држи на сила да седи, ќе плаче, вреска, наместо да го остават во тивко катче. Кога ќе биде спремно, ќе се вклучи самото. Доверба да стекне со групата, да се навикне на звуците… самото ќе дојде“, објаснува таа.

Нема квалитетно образование со „пренатрупани“ групи деца во градинките

Најголем проблем за воспитувачките и негувателките е преголемиот број деца во група. Во градинките постојат групи со дури 35 деца, со три деца со попреченост.

Прво, вели таа, не е добро за детето со аутизам да биде во соба со толкава галама, а, второ, воспитувачките се постојано под стрес да не се случи нешто.

„Ако сакаме инклузија, тогаш ќе отвориме уште две-три училишта, уште две-три градинки. За да се намали бројот на деца, а зголемиме бројот на кадарот. Можеби треба да се лишиме од други работи. Ако сакаме квалитетно образование, квалитетно вклучување, мора да се обезбеди соодветен капацитет на градинките и училиштата“, нагласува дефектологот, која e дел и од „ASD-East“, ЕУ проект фокусиран на подобрување на специјалните едукатори за поефективно вклучување на децата со аутизам во образовниот процес.

Вистински разбрана и применета инклузија за основно образование?

Кога ја прашавме „што е со транзицијата од градинка во прво одделение“, Трошанска веднаш почна да раскажува искуство од Краков, Полска. Таму биле во инклузивно училиште, кое го дава за пример.

„Училиштето располагаше со стручен тим од дури 15 лица. Педагог, неколку психолози, дефектолози, физиотерапевти, неурофидбек терапевт…. Употребуваа методи за поттикнување интелектуален или моторен развој итн. Значи, 15 луѓе. Секое одделение не надминува 20 деца, максимум со пет со попреченост, со две наставнички. Тоа е бројката. Целодневна настава, а во одреден дел од денот работат со одредено стручно лице. Вистински разбрана и применета инклузија, во вистинска смисла на зборот“, нагласува таа. Според Трошанска, не мора да има асистент на часот, ако нема потреба. Кај нас, вели таа, асистентите се за да ги држат децата „мирни“. За да седи. Зошто „ако не седи, ќе излезе надвор“.

„Не е целта детето да биде држено, постојано асистирано. Некој ден ќе треба да биде само. Доживотно ли ќе биде асистирано, со некој до него? Целта е да ги научиме самите да функционираат во животот. Да бидат способни граѓани во општеството. Да придонесуваат. Не е целта постојатно да ги заштитуваме, туку да ги тргнеме сите бариери и да функционираат. Не да им правиме постојано услуги, се’ да адаптираме околу нив, без да можат да станат самостојни“, потенцира дефектологот.

Терапијата на детето почнува кога родителот ќе прифати дека постои проблем

Во однос на тоа дали е ефективно родителите паралелно да ги носат децата со аутизам и во градинка, и на терапија, таа одговара: „премногу е за секое дета ако оди по 50 други курсеви“.

„Не е во ред секој ден детето да оди во градинка, а после тоа дефектолог, некаков терапевт, на друго место, па дома да стигне во 20 часот. Тоа е премногу, за секое дете. Подобро е помалку, ама квалитетно. Значи, ако има потреба, нормално дека треба да оди кај дефектолог, но потоа туку да го научи родителот како истите работи да ги примени во домот. Децата со аутизам се врзуваат со човек, ситуација, простор. Затоа не е целта таму да биде мирно, да слуша, а дома ништо да не прави. Треба да има мир, бидејќи децата со аутизам знаат да создадат немир во семејството“, потенцира Трошанска.

Истовремено, што побрзо семејството ја прифати состојбата на детето, прифатат дека има проблем, толку побрзо ќе почнат да му помагаат. Често родители ја кријат или непризнаваат дијагнозата, што според Трошанска е погрешно.

„Семејство, другарчиња, образование.. се’ му треба, како на секое друго дете, само дополнителна поддршка од логопед или дефектолог. Многу често, за жал, патат овие деца. Пред нив се зборуваат работи кои не би се кажале доколку не е во ваква состојба: ‘како се роди вакво’, ‘имам мака’, ‘тешко ми е’… И да нема аутизам, страшно емоционално ќе страда. А, овие деца разбираат. Многу повеќе отколку што изгледаат. Кај нив не може да се измери коефициентот на интелигенција, затоа што никогаш нема да ја покажат силната страна додека не се смират. Во светот имаме примери на деца кои долго биле затворени, шест-седум години не зборувале, а одеднаш прозбореле и кажале се’. Лично имам сретнато возрасни личности што учеле во посебно училиште, а денес се говорници, јавно држат предавања“, вели Трошанска.

Цртани и таблети?

Било кое дете, ако го оставите нон-стоп пред ТВ, ќе стане асоцијално. Но, брзо ќе се врати назад, а детето со аутизам има проблем со создавање социјални врски. Но, инстантно да не се лишува од цртани. Од „единствената играчка“. Тоа е зависност.

„Ако имате дете што е опседнато со автомобили, цел ден игра само со колички и не следи таблет, компјутер, не шета надвор… ако му ги тргнете количките, тоа е опасно, детето единствено тоа го знае“, вели таа.

Проблем, според неа, е ако цел ден е оставено пред таблет, затоа што „така е мирно“.

„Велат ‘ако користи таблет, доцни во развојот’. Доцни во развојот затоа што не прави ништо друго – не шета, не се дружи, не комуницира со околината! Затворено е цел ден дома.!Да го дозираш таблетот, но ако веднаш го прекинеш, така ќе создадеш агресија. Таблетот е извор на задоволство, а децата со аутизам се врзуваат“, потенцира дефектологот.

За Трошанска, важно е силната страна на детето да се користи во цело негово образование. Пример, дете сака пеење. Ги знае сите пејачи, ги препознава на омот од ЦД, знае како да го пушти аудиото, а не знае да чита.

„Јас викам – знае да чита! Ако во прво одделение му дадете да учи и пишува букви, а притоа му дадете ‘Симо носи сено, Митко сее семе’ и сл., така никогаш нема да сака да пишува. За детето тоа нема значење. Ама, ако му дадете име на македонски пејач, или песна, веднаш ќе биде мотивирано да научи“, вели дефектологот.

Едукација за „позитивни родители“

Едукацијата на родителот е друга приказна. Кога родител на дете со аутизам ќе оди на игралиште, таму се присутни и други луѓе. Сите тие имаат прашања во глава: „Што му е на детето“. „Дали е аутизам, некоја друга состојба“,„Тешко на родителот“…

„Не им е јасно, не знаат. На запад, постоеше кампања, која сакаме и тука да ја спроведеме – секој родител да си направи ливче дека детето има аутизам. Дека аутизам е состојба, основни информации, па кога некој ќе те гледа – да му дадеш картичка. Тогаш автоматски му одговараш на сите прашања. Тој може да се почувствува засрамен, или доколку некој навистина сака да помогне – ќе почне разговор. Така се стартува кампања, од човек на човек, се подигнува свесност за проблематиката“, констатира Трошанска.

Нагласува дека не постојат двајца идентични луѓе. Никој не е ист. Затоа, ова е спектар, состојба. Не е болест. Може да бидат интелектуалци, со предизвикувачко однесување… Но, сите делат исти карактеристики. Проблем со комуникација и интеракција. Со флексибилност во размисливање, со ригидно однесување, шеми, опсесии. Од најмало дете, до највозрасен човек.

„Тие карактеристики нема да им поминат. Како ќе растат – ќе си ги имаат. Тие работи, опсесии или фиксации кон одредени предмети ги имаат сите луѓе, ама ги немаме сите заедно, целиот склоп. Нив им е тешко бидејќи сите нешта се вклопени, тешко можат да се изборат. Затоа, родителите да бидат што е можно попозитивни, за да направат позитивни промени. Така се викаат и нашите обуки ‘позитивни родители“, проект преку ESIPP. Родителите да имаат трпение. Има деца со дактилна дефанзивност, не сака да допре боја, влажни марамици итн. Ако соодветно работите со детето, ќе помине време, ама мора да верувате. Ако сакате брзи решенија, нема да ги добиете. Не постои такво нешто, како со секое друго дете. Нема инстант воспитување. Многу трпение, позитивност, искреност од двете страни“, констатира дефектологот Трошанска.

Текстот е објавен на 11.09.2018г oд страна на порталот www.radiomof.mk

Споделете со пријателите:

Viber

Нашата веб страница користи колачиња (cookies) за да Ви овозможи подобро корисничко искуство.