новости и публикации​

Мобилност во Велика Британија

Во перодот од 6-ти до 12-ти Јуни, во рамките на Еразмус + проектот Autism Spectrum Disorders - Empowering Teaching Assistants (ASD-ETA) со регистарски број 2020 – 1- MK01-KA 104-077611 беше реализирана мобилност во Велика Британија во градот Нортхемптон. Цел на мобилноста беше посета на училишта и споделување на искуствата на работното место на наставниците и образовните асистенти во редовни и посебни училишта и нивната улога во образовниот процес на децата со нарушувања од спектарот на аутизам.

Во период од 7 часа, колку што трае работниот ден на наставниците, благодарение на нивното гостопримство и несебичното споделување на информации, имавме можност да видиме прекрасни услови за работа, соодветна опрема, прецизни планирања насочени кон индивидуалните цели на учениците, контрола на напредокот на децата, користење на современи методи на работа и прекрасна работна атмосфера во посебните училишта, редовните училишта и посебните паралелки во рамките на редовните училишта.

Во секое од училиштата, имаше посебен систем за најава и влез во училиште, како и одговорно лице кое се грижеше за нашиот распоред на посета на активности. Во училиштата не се користат мобилни телефони, комуникацијата помеѓу вработените се одвива преку радио станици или преку статични телефони. Секоја врата, коридор и простор за надворешни активности се обезбедени со посебен систем за влез и излез.

Првиот ден беше пoсетена академијата Нортгејт во рамките на која егзистира колеџот, Бе Хајв бизнис центар за работно оспособување и продавницата за слатки Свит Бее.

Благодарение на директорките на овие училишта Sheralee Webb и Franceska Shears имавме можности одблиску да ги видиме, почувствуваме и вкусиме нивните услуги и производи. Ова училиште е пример за вистинска инклузија во општеството на децата со посебни потреби, преку интензивен професионален тренинг и вработување во нивните мали компании.

Втората посета беше на училиштето Гринфилдс кое е специјализирано за работа на проблеми во комуникација.

Овде имавме можност да видиме како функционира аугментативната и алтернативната комуникација преку голем број на различни видови на уреди.

Исто така, имавме можност да одржиме сесија за сензорна интеграција со окупациониот терапевт во училиштето и да видиме примери на сензорни кругови.

Благодарение на директорката Хелен Блајт се запознаме и со методот на Кондуктивна едукација наменет за едукација на деца со моторни нарушувања.

Третата посета беше реализирана во училиштето Билинг Брук кое што има највисоко ниво на акредитација за обезбедување на услуги за учениците со аутизам од експертите на Националната Организација за Аутизам на Велика Британија. Благодарение нa Ники Кенеди се запознавме со организацијата на работа на ова училиште. Овде се користат најновите трендови на успешни методи за работа со деца со нарушувања од спектарот на аутизам, при што, во самата атмосфера на училиштето се чувствува интензивна, насочена енергија, преточена во работни активности кои даваат прекрасни резултати кај учениците.

Училниците, според потребата, се адаптирани со работни станици, простор за групна работа, тивко катче и простор за надворешни активности. Во училиштето се практикува Јога и работа на вештини за готвење во современо опремена кујна. каде преку готвењето учениците учат нови поими и стекнуваат поголемо ниво на самодоверба во структуирана средина.

Четвртиот ден, беше извршена посета на училиштето Ровен Гејт Директорката Џулија Колс, која има големо искуство со Еразмус проекти ни ги образложи сите јаки и слаби страни на образованието на децата со посебни потреби во Велика Британија.

Ова посебно училиште, заради зголемената потреба во регионот постојано отвара нови паралелки во рамките на редовните училишта. Во училиштето се користат сите современи методи на работа и се следи индивидуалниот развој на секое дете. Училиштето изобилува со прекрасно уреден надворешен и внатрешен простор.

Голема благодарност за оваа посета на нашите пријатели од Таргет Аутизам, од кои научивме многу во изминативе години и се надеваме ќе соработуваме во иднина уште повеќе во насока на подобрување на квалитетот на живот на децата и лицата со нарушувања од спектарот на аутизам.

Споделете со пријателите:

Viber

Нашата веб страница користи колачиња (cookies) за да Ви овозможи подобро корисничко искуство.