ОНЛАЈН ПОДДРШКА

Online poddrshka archive

Децата и адолесцентите со аутизам за време на неизвесност чувствуваат голем стрес при што бараат дополнителна поддршка од семејствата и лицата кои ги поддржуваат. Таков e периодот на COVID – 19 во кој се наоѓаме во моментов. Семејствата се соочуваат и со дополнителен предизвик како да ги организираат едукативните активности во домот. Ненадејното затварање на училиштата, неизвесноста во нивното отварање, промените во рутината, губењето на врските со наставниците, пријателите и стравот околу заразувањето со вирусот се голема тежина за сите, но децата со аутизам поминуваат низ подолга фаза на адаптација. Тие се соочуваат со дополнителни предизвици во разбирањето, комуникацијата, апстракниот јазик со кои сите им се обраќаат и се обидуваат да им ја објаснат состојбата, имаат потреба од рутини кои во моментов потребно е да се променат. Сето ова води кон вознемиреност и депресија на децата, а со тоа и на целото нивно семејство, бидејќи тие се единствените кои диретно можат и мораат да им пружат поддршка.

Овие деца имаат потреба од:

-Поддршка во разбирањето;

-Поддршка во изразувањето;

-Одржување на рутини, менување на рутини и воспоставување на нови рутини;

-Адаптација на едукативни содржини во домот и

-Вештини за справување со однесувањето и смирување.

Ваквата поддршка во моментов потребно е да ја обезбеди семејството/старателите и лицата кои се во секојдневен или повремен контакт со нив (асистенти/наставници/терапевти).

Поради сето ова, идејата на нашето здружение беше да создаде проект кој ќе биде наменет за онлајн поддршка во домот преку видео семинари и конкретни инструкции. Видео-семинарите можат да се посетуваат во одреден период на денот и со темпо кое самиот родител или професионалец ќе го одреди. На тој начин тие нема да бидат дополнително оптеретени во нивната дневна рутина и нивните секојдневни обврски. 

Проектот директно се однесува на деца/лица со нарушувања од спектарот на аутизам и семејствата/старателите на децата/лицата со аутизам, но, од него бенефит ќе имаат сите стручни лица кои се занимаваат со оваа проблематика (специјални едукатори и рехабилитатори, асистенти, психолози и други стручни лица).

повеќе информации за проектот

Проектот Аутизам – онлајн поддршка се спроведува со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија преку Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со COVID-19 кризата.